Американскиот амбасадор во Турција Џон Бас ги повика бунтовниците од Курдската работничка партија (ПКК) да го предадат оружјето и да дадат шанса на мирот, јави Анадолија.
Бас, кој вчера го посети југоисточниот турски град Дијарбекир, изјави дека доколку курдските сепаратисти го положат оружјето, САД се подготвени да го поддржат процесот за мирно решавање на курдскиот конфликт.
Изјавата на американскиот амбасадор доаѓа недела откако лидерот на ПКК Абдула Оџалан, кој се наоѓа во затвор, ги повика следбениците да учествуваат во преговорите за разоружување.
Бас, исто така, нагласи дека процесот за мирно решавање ќе придонесе за развој на Југоисточна Турција, особено во места како Дијарбекир.
Турција, САД и ЕУ ја сметаат ПКК за терористичка организација. Турските власти кон крајот на 2012 година почнаа преговори со лидерот на ПКК Оџалан за решавање на курдскиот конфликт, во кој од 1984 година досега загинаа над 40 илјади лица.
Оџалан во март 2013 година објави примирје и нареди на бунтовниците од ПКК да се повлечат во Северен Ирак. ПКК сепак го прекина повлекувањето на бунтовниците неколку месеци подоцна, обвинувајќи дека Турција не ги спроведува реципрочните чекори од договорот.