Американскиот сенатор Ангус Кинг предупреди дека руските кибер оперативци се многу активни во Шкотска, каде што се подготвуваат да дадат поддршка за втор референдум за независност.
Тој за време на сослушувањето пред Разузнавачкиот комитет на Сенатот во Вашингтон за руското мешање во минатогодишните претседателски избори во САД, рече дека Шкотска е исто така на листата на целите на Москва, пишува британскиот весник „Дејли телеграф“.
– Знаеме дека Русите беа вмешани во изборите во Франција, знаеме дека тие беа вмешани во изборите во Германија, а сега сме свесни дека тие се вмешани и во поделбите во Шпанија. Тие почнаа да работат и во Шкотска, за отцепување од Велика Британија. Тоа е софистицирана стратегија која не е запрена и која нема да застане, вели Кинг.
Тој од компанијата Фејсбук побарал одговор дали Русите ги користат социјалните мрежи за поттикнување на недоразбирањата во Шкотска.
Во врска со ваквите тврдења, британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон изјави дека не гледа докази за вмешаност на Русија во британските избори или референдуми.
– Не гледам докази за тоа, изјави Џонсон пред Комитетот за надворешни работи на британскиот Парламент.