Најголемиот број од луѓето кои го преживеале вирусот на ебола ќе имаат здравствени проблеми на подолг рок, соопшти американскиот Национален институт за здравје.
Експертите на Институтот направиле испитување на преживеаните пациенти инфицирани од ебола во Либерија и откриле дека голем број од нив пројавуваат низа здравствени слабости и проблеми по излекувањето од вирусот.
Најчесто тоа е губење на меморијата и симптоми на депресија, кои се јавуваат на само шест месеци по отпуштањето од болница.
Испитувањата правени кај првите 82 излекувани пациенти од ебола, откриле дека кај некои од нив се забележани „самоубиствени склоности“ или халуцинации и други тешки невролошки проблеми, додека на врвот од инфицираноста кај заболените се откриени појави на менингитис или паѓање во кома.
Анализите покажале дека само шест месеци подоцна сите здравствени проблеми продолжиле да се развиваат.
Две третини од овие луѓе имале општа телесна слабост и постојани главоболки, а половината од пациентите со прележана ебола, бележат појави на депересија и губење на меморијата.
Експертите утврдиле дека во спермата кај 38 отсто од испитаните случаи, се најдени траги на ебола.
Британските експерти за тешки заразани болести го истакнуваат големото значење на ова истражување во САД.
Професорот на лондонската Школа за здравствена хигиена и тропска медицина Џими Витворт за Би-Би-Си изјави дека станува збор за многу важно истражување, бидејќи тоа открива оти научниците се уште откриваат сознанија за еболата и за проблемите што ги создава овој вирус.
Повеќе од 17 илјади заболени од ебола ја преживеаја болеста во земјите на Западна Африка. Во Велика Британија по трет пат во болница, во мошне тешка состојба, е префрлена една медицинска сестра од Шкотскам која во 2014 година била заразена од ебола во Сиера Леоне и излекувана.
Таа и сега се наоѓа на лекување во специјалната болница за тешки заразни болести во Лондон, откако претходно, додека беше на „рутинска контрола“ во една шкотска клиника се најде на работ на смртта од компликации кои се јавуваат по прележаната ебола.