Албанската полиција демантира дека уапсила лице под име Мануел Аугосто Блекер Милер, инаку поранешен шеф на перуанската дипломатија и оти не постои меѓународна потерница за такво лице, јави дописникот на МИА од Тирана.
– Во врска со веста објавена во агенциите и другите медиуми дека полициските структури го уапсиле лицето Мануел Аугосто Блекер Милер информираме дека полицијата не уапсила лице од Перу под тоа име. Исто така полицијата нема сознанија дека по ова лице има распишано меѓународна потерница, стои во соопштението на албанската полиција.
По објавените информации околу апсењето на Милер, компанијата „Аполонија Инвестментс“ со седиште во Тирана, чиј сопственик е тој, во реакцијата потврдува дека тој е во Тирана и оти регуларно, според законот на земјата, на 10 јануари се јавил во полиција за да се информира околу визата за престој и работа во Албанија.
Аугосто Блекер Милер, кој со меѓународна потерница Интерпол го барал уште од 2009 година, најпрво перуанските а потоа и албанскте медиуми јавија дека е уапсен во Тирана, повикувајќи се на перуанскиото обвинителство, за потоа, презентирајќи документи, телевизијата „Њус 24“ да објави дека тој има свој бизнис за откуп и преработка на отпад.
Милер од страна на перуанското правосудство е обвинет за организирање државен удар во 1992 година, од режимот на Алберто Фуџимори. Перу го напуштил во 2005 година, а во 2009 бил уапсен во САД но успеал да побегне.