Европската комисија најави утрово дека се активира европскиот механизам за цивилна заштита за да и се помогне на Белгија со поплавите поради кои до сега две лица најмалку го изгубија животот, јави дописничката на МИА од Брисел.
Цивилниот механизам за заштита на ЕУ е механизам кои им овозможува на земјите членки на ЕУ и земјите учесници во механизмот, да побараат итна помош и координација во случај на хуманитарна или природна катастрофа.
Белгија од вчера се соочува со масовни поплави на југот и истокот од земјата.
Две лица се починати, а се трага во десетици исчезнати.
Утрово урнати се куќи поради дождовите, а реките почнаа да излегуваат од своите корита.
Белгиската министерка за внатрешни работи, Анелис Верлинден, потврди дека е активиран механизмот на ЕУ за достава на потребна опрема и персонал, како и мобилизација на европска екипа за дополнителна прва помош.
-Следните часови и денови можат исто да бидат под знакот на силно невреме, предупреди министерката и увери дека приоритет е да се заштитат жителите.