Над 1.000 од изречените минатата година смртни казни во светот биле во Египет и Нигерија, покажува годишниот извештај на „Амнести интернешенал“ за смртна казна.
Во извештајот, организацијата со седиште во Лондон, изразува загриженост и од зголемувањето на смртните казни на глобално ниво, што изнесува 28 проценти. Во 2014 година смртни пресуди се изречени на 2.466 лица во 55 држави, додека се егзекутирани најмалку 607 лица во 22 земји. Сепак, ваквите податоци се нецелосни, бидејќи нема информации за Северна Кореја и Кина, се наведува во извештајот на „Амнести интернешенал“.
Според податоците на организацијата земјите со најмногу регистрирани егзекуции за 2014 година се Иран, со најмалку 289, Саудиска Арабија со најмалку 90, Ирак со најмалку 61 и САД со најмалку 35. Во случајот со Иран има стотици егзекуции, кои не се официјално признати, а вкупниот број може да достигне до 743 лица.
САД се единствената држава во Северна и Јужна Америка што егзекутирала луѓе во 2014 година, се наведува во извештајот. Во сојузните држави Тексас и Мисури се извршени по десет егзекуции. Останатите држави, во кои се вршат смртни казни се Аризона, Флорида, Џорџија, Охајо и Оклахома.
Во целина бројот на егзекуции на светско ниво е намален во 2014 година во однос на 2013 година за 22 проценти.
„Амнести интернешенал“ изрази загриженост од преземените во некои држави дејствија за враќање на смртните казни, како што се Пакистан, Јордан, Сингапур, Египет, Белорусија, ОАЕ и Екваторијална Гвинеја.