Виетнам денеска почна со евакуација на над 180.000 луѓе од крајбрежните реони поради надоаѓање на тајфунот Нари, кој го зеде животот на 13 лица и причини значителна материјална штета на Филипините изминатиов викенд.
Се очекува бурата да го зафати централното виетнамско крајбрежје утре изутрина со ветер со брзина до 133 километри на час, и можно е да предизвика поплави и штети. Десет крајбрежни хотели, популарни меѓу странските туристи, добиле наредба да ги преместат гостите во хотели во внатрешноста на земјата. Властите планират до вечер да евакуираат 180.000 жители од шест централни провинции и да ги сместат во училишта и административни згради.