17 загинати во невремето во Калифорнија, се трага по момчето кое го однесе поројот

Од:

Во невремето во Калифорнија загинаа 17 лица, петгодишно дете се води како исчезнато, а властите наредија евакуација на бројни области, јавуваат денеска агенциите. Поројните дождови во последните два дена предизвикаа големи поплави, откорнаa дрвја, a има и прекин на сообраќајот и во снабдувањето со електрична енергија, додека на одредени места и автомобили беа однесени од порои.

Бројот на жртвите од невремето во последните недели се искачи на 17, а тоа е повеќе човечки животи отколку што одзедоа пожарите во последните две години, соопшти кабинетот на гувернерот Гевин Њусом. Најмалку 34.000 луѓе беа замолени да ги напуштат своите домови.

„Нашето страдање не е завршено. Очекуваме невремето да продолжи до 18 јануари“, рече гувернерот на прес-конференција.

„Досега е потврдена смртта на 17 лица“, рече тој, но бројот на жртви може да биде поголем.

Во гратчето Пасо Роблс, на половина пат меѓу Лос Анџелес и Сан Франциско, петгодишно момче во понеделникот било однесено од вода и се води како исчезнато, објави шерифот. Поплавата го заробила автомобилот во кој бил со мајка му, која ја извлекол сосед. Властите мораа да ја прекинат потрагата во понеделникот поради невремето.

Во Бејкерсфилд двајца возачи загинаа кога дрво падна на патот, објави Лос Анџелес Тајмс. Вчера, околу 110.000 домаќинства и бизниси останаа без струја, според сајтот PowerOutage. Националната метеоролошка служба (NWS) соопшти дека по кратка пауза синоќа, Калифорнија ќе ја зафати ново невреме со дожд до 18 сантиметри на северот на таа американска држава.

Калифорнија беше погодена од бура „атмосферска река“ – огромна струја на густа влага во воздухот што доаѓа од океанот, феномен што не е забележан од 2005 година, според NWS. Северно од Лос Анџелес, во близина на Санта Барбара во крајбрежната општина Монтесито, дом на многу ѕвезди и познати личности, вклучително и принцот Хари и Меган Маркл, и беше наредено на жителите итно да се евакуираат.

Таа енклава, каде актерката Џенифер Анистон и ТВ водителката Опра Винфри имаат луксузни вили, всушност е микрокосмос на крајностите на кои е изложена Калифорнија, која трпеше децении суша. Пред пет години огромен пожар ги зафати планините околу Монтесито а резултатот од уништената вегетација е свлечиштето.

Во јануари 2018 година, 23 лица загинаа во одрони од кал предизвикани од дождовите. Во понеделникот, телевизиската водителка Елен Деџенерис, која исто така живее во Монтесито, објави видео на Твитер од свлечиштето. Евакуација беше наредена и во други региони, како што е округот Санта Круз во близина на Сан Франциско.

Иако е тешко да се воспостави директна врска помеѓу низата од овие бури и климатските промени, научниците редовно објаснуваат дека затоплувањето на планетата ја зголемува зачестеноста и интензитетот на екстремните временски настани. Минатонеделното невреме веќе им ја исклучи струјата на илјадници жители, предизвика големи поплави и лизгање на земјиштето, само неколку дена по поројниот дожд на самата Нова година.

Сепак, тие исклучителни дождови нема да бидат доволни за да се наполнат резервите на вода во Калифорнија, бидејќи ќе бидат потребни неколку зими со исклучително високи количини на дожд, велат експертите.

Би можело да ве интересира

Првиот човек на Валенсија одбива да поднесе оставка за грешките за време на поплавите

(ВИДЕО) Во Шпанија се затвараат училишта, се евакуираат некои жители по обилните дождови

(ВИДЕО) Драматични сцени од Шпанија: Малага е под вода

Горан Наумовски

Санчез: Времето за политички дискусии за поплавите ќе биде по реконструкцијата

За настраданите од поплавите во Шпанија ќе донираат по 100 евра за секој километар што ќе го претрчаат на теренот

А1он

(ВИДЕО) Невремето од Валенсија се пресели во Барселона, поплавени улици, отежнат сообраќајот на возовите