Франција е шокирана од силувањето и убиството на 14-годишно девојче на југот на земјата, само неколку недели по бруталното убиство на 12-годишното девојче во Париз.
Полицијата во петокот уапси 31-годишен маж осомничен за силување и убиство на Ванеса, откако насилно ја внел во својот автомобил додека таа се враќала од училиште во градот Тонеис во југозападна Франција.
Тој го оставил телото во напуштена куќа во југозападното село Бирач-сур-Трек. То бил брзо идентификуван преку снимките од надзорните камери, соопшти полицијата.
Обвинителот во градот Аген им изјави на новинарите дека кога полицијата дошла да го уапси мажот во неговиот стан во јужниот град Марманде, тој рекол: „Знам зошто си тука“ и го признал делото.
Официјалните лица рекоа дека кога мажот имал само 15 години, бил осуден на 15 дена затвор за сексуално насилство врз друго малолетно лице.
Данте Ринаудо, градоначалникот на Тонеис, им изјави на новинарите дека родителите на девојчето, кои имаат колумбиско потекло, сакаат да ја погребат нивната ќерка во Гренада, Шпанија, каде што семејството живеело неколку години пред да се пресели во Франција.
Тој рече дека започнал онлајн собирање средства за поддршка на семејството и дека ќе организира марш за убиената девојка во петок.
Новото убиство на девојче во Франција се случи само неколку недели откако земјата ја потресе бруталното убиство на 12-годишното девојче Лола, чие тело со видливи повреди беше пронајдено во куфер во Париз.
Главниот осомничен во тој случај, 24-годишна жена, доби кривична пријава за убиство, силување и тортура. Истрагата откри дека осомничената ја намамила девојката да и помогне, ја киднапирала, ја силувала и ја убила.
Овој случај предизвика и политички тензии во Франција. Опозициските десничарски партии повикаа на построги правила за имиграција, посочувајќи дека жената која го извршила злосторството е илегален мигрант. Нови критики стигнуваат по вториот случај на убиство на девојче, а властите се критикуваат за преблагиот однос кон криминалот и недоволната посветеност сторителите на ваквите злосторства да ги оддалечат од улица.