ВИДЕО: Уметниците ги изложија своите интимни приказни како пркос против лажниот морал

Од:

Христина Ивановска, Јане Чаловски, Велимир Жерновски, Ивана Драгшиќ, Иван Ивановски и Филип Јовановски и активистите и борци за човекови права и слободи, Славчо Димитров и Кочо Андоновски, се учесниците на групната изложба „You made me so sad. Now, that doesn’t have anything to do with you“, што се отвори денеска во Мобилна / Монтажна галерија во Паркот на франкофонијата.

Станува збор за проект на Ивана Васева со кој таа претставува интимни уметнички приказни кои оставиле силен впечаток кај самите автори, но со потенцијал за преиспитување на ставовите на другите, нудејќи му можност на посетителот „да се изложи самиот себе“.

– Многу од проблемите со кои се соочуваат луѓето не се нивна вина, туку резултат на системска обесправеност.

Во оваа изложба одлучив да вклучам не само уметници, туку и двајца активисти за човекови права, бидејќи сметав дека е тоа многу битно прашање кое треба да се отвори, иако постојано гледаме дека се отвора, но се отвора на едностран начин и мислам дека и оваа изложба придонесува за зголемувањето на видливоста на нивната кауза, вели Ивана Васева, кураторка на изложбата.

Во галеријата се изложени картонски кутии, правилно наредени една одо друга, но, кога тие ќе се отворат посетителот може да се соочи со парче од некоја интимна приказна на авторот, но и да се поврзе со неа.

– Мислам дека и самиот контекст во кој живееме ние во моментов е навистина како да живееме во лажни кулиси кои се насекаде околу нас. Мислам дека е ова еден искрен и потребен момент на вадење на вистинското и на емотивното од сите нас, за да го облагородиме просторот кој полека ни се скаменува и збетонува на еден неприроден начин, вели Кочо Андоновски, активист за човекови права.

Инаку, посетителите ќе можат да ја видат изложбата до 13 јуни во терминот до 17 часот. Кураторката целото време ќе биде присутна во Галеријата, а секој од намерниците во Паркот на франкофонијата во Скопје е „одговорен за разголувањето и отворањето на предложените интими“.

Секој од присутните додека трае постановката може да ја отвори било која кутија, да си ги вади предметите од неа и потоа да си ги поставува како што сака.

Изложбата „You made me so sad. Now, that doesn’t have anything to do with you“ ја организираше Центарот за современа уметност.

А.Б.

Би можело да ве интересира

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста”

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“