Снимателот на државата новинска агенција МИА, Аслан Вишко, е нападнат на протестите против пресудите донесени во случајот „Монструм“. Неколку лица му се доближија додека траеше преносот во живо, по што побараа да се претстави.
Тој им кажа дека снима за телевизија, по што почнаа да го маваат и да пробуваат да му го одземат телефонот со кој снимаше.
Лицата кои го нападнаа го прашаа и дали е Албанец, по што според снимката која беше во живо, почнаа да удираат по него. Тој стоеше пред полицискиот кордон и во тој момент емитуваше снимка во живо од моментот кога демонстрантите фрлаа со разни предмети, меѓу кои и камења, кон полицијата.
По нападот, преносот во живо на снимателот продолжи. Тој не е повреден.