Дивоградбата на Водно под Марково Крувче ќе биде урната, уверува градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Општинскиот градежен инспектор го известил сопственикот, а освен двокатниот дрвен објект за кој реагираа жителите на Кисела Вода, кој се извиши меѓу двата изборни круга, отстранет треба да биде и објектот од цврста градба, кој не се гледа од градот.
„Тоа е актуелно прашање што се појави во јавноста. Една од нашите први заложби е да ги констатираме сите нерегуларности и неправилности, а една од нив е баш тој објект, козарница, човекот чува кози на тоа место. Мене не ми е важно кој е сопственик на тоа од аспект што и да е мој родител, тука толеранција нема да има за тоа што некому му текнало да гради. Нема одобрение за градба, известен е човекот. Секоја нерегуларна градба во Кисела Вода ќе има можност тој што ја градел во минатото, одобреното усно од поединци, од општинската управа во минатото, да си го сруши во законскиот рок. Доколку не си го сруши и не постапи, тогаш Општината ќе го сруши и тој ќе си ги сноси финансиските импликации од тоа“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
Земјиштето на кое се изградени објектите под Марково Крувче е државно, а Министерството за земјоделство го дало под концесија. Концесионерот, без одобрение од Општина Кисела Вода изградил објект од дрво, а меѓу двата изборни круга му додаде уште еден кат и покрив. До овој објект има уште еден, кој е цврста градба, иако во тој дел на Водно не се дозволени градби.
Оваа недела Општина Кисела Вода почна акција за уривање дивоградби. На влезот во Драчево урна индустриска хала, која сопственикот почнал да ја гради на крајот на летото, без каков било документ, а во процедура за уривање се уште два објекта.