ВИДЕО: Дворот на Водно бил откупен пред десет години, Богдановиќ советува сомнежите за незаконска приватизација да се расчистат во Финансии

Од:

Дворот на Водно, на улицата Партениј Зографски, кој го откупиле соседи иако не биле негови корисници и сега сакаат да градат, бил приватизиран пред десет години. Документацијата од Општина Центар покажува дека барањето за приватизација било поднесено во декември 2011 година, а во јануари 2012 година станало правосилно. Маја Сотировска и Жарко Будимовски, наследници на дуплекс куќа што нивните родители ја добиле на користење во 1968 година заедно со дворот, кој државата го продала на други, обвинуваат дека приватизацијата е незаконска оти не им бил понуден ним, како корисници. Бараат да сопрат градежните активности додека не се утврди како луѓе кои не биле корисници на дворот добиле можност да го приватизираат, а врз основа на тоа добиле и одобрение за градење од Општина Центар.

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, вели дека Општината издала одобрение за градење оти сопствениците донеле документација со која докажуваат дека имаат право на сопственост.

„Од документацијата што ја приложија подносителите на барањето за одобрение за градба, увидовме дека тие се сопственици бидејќи ни донесоа, нормално, имотен лист, и тоа ни беше приложено и во елаборатот. Тоа што можевме да го прочитаме  е дека станува збор за приватизација на одредено земјишт што се води во имотно-правни односи при Министерство за финансии.  Ние како Општина Центар располагаме со земјиштето, но со државното неизградено земјиште коешто, доколку дојде до продажба, треба да оди на лицитација ако земјиштето е чисто. Досега не сме продале ниту едно такво земјиште, не сме одржале ниту една лицитација  бидејќи сметаме дека доволно  државно земјиште е отуѓено, потребно и непотребно. Сметаме дека тоа земјиште треба да биде наменето пред сè за јавниот интерес“, вели градоначалникот Богдановиќ.

Не го проверувале начинот на кој била извршена приватизацијата оти верувале на донесените документи издадени од институциите и советува Сотировска и Будимовски сомнежите да ги расчистат во Министерството за финансии.

Сотировска вели дека приватизацијата на дворот е незаконска оти таа и Будимовски, како корисници, имале предност за откуп

„Што се однесува до тоа како дошло до целиот начин на приватизација, треба да се обратат во Министерство за финансии и доколку има некој спор и неправилни постапки да си поведат спор. Ние работиме согласно документацијата што ни ја носи подносителот на барање за одобрение. Ние, по тоа што гледаме, увидовме дека станува збор за приватизирано земјиште. Тоа не е под наши ингеренции туку под Министерство за финансии, така што најдобро е прашањето да го решат таму“, посочи градоначалникот Богдановиќ.

До него сè уште не стигнала петицијата потпишана од осумнаесетмина соседи за кои и приватизацијата и најавата за градење била изненадување па бараат стопирање на активностите по сечата на дрвјата во дворот во неделата како подготовка за градење. Сотировска и Будимовски велат дека петицијата е уредно поднесена во архивата на Општина Центар и заведена со архивско бројче.

Петицијатата, потпишана од осумнаесетмина соседи, се уште не стигнала до градоначалникот

„Засега немаме добиено ништо. Обично сите ги разгледувам и лично и заедно со Кабинетот и ако има нешто, правно издржано, реагираме, но засега немаме добиено ништо. Доколку има каков било пропуст во постапката, ние треба да добиеме писмено. Досега не сме добиле ништо такво. Единствено  што успеавме да прочитаме е од дел од социјалните мрежи и медиумите, но до Општина Центар немаме доставено никакво барање за какво било одложување. За да направите какво било одложување на извршување на еден управен акт треба да имате силни аргументи. Затоа кажувам, ако имало каков било спор, тоа требало да се заврши во претходна постапка, дали пред одредени Министерства, дали пред суд“, вели градоначалникот.

Тој вели дека до него не стигнало ниту барањето за средба од Сотировска и Будимовски, кои кажаа дека веднаш штом дознале за целиот случај побарале прием кај градоначалникот, но не добиле никаков одговор. Тие сметаат дека Општина Центар ја прекршила постапката за градење оти за новата градба не биле известени сите соседи туку само една од нив, која се обидела, но не успеала да поднесе приговор на одобрението за градење, а во меѓувреме се разболела и починала од Ковид-19.

Иако не им е одговорено на барањето за прием, градоначалникот Богдановиќ вели дека е отворен за соработка.

Документација од Општина Центар покажува дека барањето за приватизација било поднесено во декември 2011 година, а во јануари 2012 година станало правосилно

„Ако имаат какво било сомнение, нека побараат средба во Општината бидејќи ние начелно слушаме за одредени имотно-правни проблеми,  луѓето доаѓаат, но адресата не е Општина Центар. Ако сметаат дека е нешто пропуштено во Општина Центар,  нека дојдат во кое било време, секогаш сме достапни“, повика градоначалникот Богдановиќ.

За стравувањата дека во откупениот двор ќе никне огромен објект, градоначалникот Богдановиќ вели дека одобрението е дадено во согласност со параметрите од Деталниот урбанистички план за градска четврт Ј 07, кој на таа локација дозволува индивидуално домување во станбени куќи.

Инвеститорот на објектот и сопствениците на парцелите сметаат дека обвинувањата од соседите се неосновани и неточни укажуваат дека ја имаат сета потребна документација која сите заинтересирани може да ја проверат во институциите.

„А1он“ побара објаснување од Министерството за финансии на кој начин е направена приватизацијата на дворот што го користеле Сотировска и Будимовски, а бил откупен од други лица. Од Министерството, до објава на текстот, не одговорија на прашањата.

Би можело да ве интересира

Се намалува интересот за градење, издадени една третина помалку одобренија за градба

A1on

Протест на Левица против урбанистичката мафија која ќе гради згради кај „Треска“

A1on

Центар не може да ги доброи одобренијата за градење што ги потпишал Богдановиќ на заминување

ИЗИИС за свлечиштето на Водно: Најризична варијанта е да се остави градежната јама отворена

Маја Илиевска-Пачемска

(ВИДЕО) Жителите на Водно го повикаа ИЗИИС на увид кај свлечиштето: Куќата сосе темели може да ни падне во јамата

Маја Илиевска-Пачемска

Почна да се лизга земјиштето на Водно за кое соседите стравуваат дека ќе проголта три куќи

Маја Илиевска-Пачемска