(ВИДЕО) Ципрас: Нема Македонци во Грција, македонските власти се виновни за спорот

Од:

Алексис Ципрас, водач на грчката партија на радикалната левица СИРИЗА, потсмешливо одговори на прашањето за статусот на македонското и другите малцинства во Грција. Ципрас, зборувајќи во Вашингтон, се заложи за решение на спорот за името и додаде дека Грција нема што да се плаши од малата Македонија, на која сепак ја префрли вината за спорот. На прашањето на дописникот на МИА како ја оправдува грчката политика да ги попречува правата на Македонците, и на другите етнички заедници во Грција, како Турците или Чамите – Албанците, Ципрас се преправаше дека не знае дека во Грција има Македонци.

– Има Македонци во Грција?, праша Ципрас наместо одговор на прашањето. Откако лица од неговата придружба му ‘објаснија’ дека прашањето се однесува на ‘Скопјаните’, водачот на СИРИЗА рече: “Секако нашата партија е првата партија во Грција која работи во оваа насока да има решение, со географска референца на името, но во исто време мислам дека проблемот е во ако некој во Маке.., во ФИРОМ или во Грција промовира разлики и националистички изуми”.

Иако во своето едно и пол часовно обраќање во институтот Брукингс во Вашингтон, Ципрас зборуваше за Граѓанската војна во Грција и за СИРИЗА како наследник на грчката левица од тој период, сепак одбегна одговор на прашањето за учеството на Македонците во оваа борба.

Во обраќањето во Брукингс, Ципрас повика на раскинување со досегашната грчка политика во односот кон Европската Унија и Германија, но единствената област во која кажа дека идна Влада предводена од него ќе задржи континуитет и нема да прави ‘пресврти од 180 степени’ е токму надворешната политика. Ципрас ова го оправда со заканите кои демнат во регинот, велејќи дека ‘Грција ја нема таа среќа да живее во соседство со земји како Луксембург и Шведска’.

– Сакаме мир и соработка со соседите, но тоа ќе зависи од взаемно прифаќање на правилата на меѓународното право. Имаме разлики и сметаме дека овие разлики треба да се решат со дијалог, а имаме и отворени рани како Кипар. Со поранешната југословенска Република Македонија, нашите односи мора да бидат односи на соработка. Немаме што да се плашиме од мала соседна држава на северот. Нашата разлика околу името е разлика која треба да се реши, во контекст на взаемно прифатливо решение, со географска одредница. Ова е мислење кое партијата Синаспизмос го имаше уште раните 1990ти години, а кое господинот Самарас кој тогаш беше министер за надворешни работи, не го делеше со нас, изјави Ципрас.

Водачот на СИРИЗА, која според анкетите е на второ место зад Нова Демократија на премиерот Андонис Самарас, а пред фашистичката Златна Зора, во обраќањето во институтот Брукингс не ги штедеше зборовите на критика за македонскиот однос кон Грција.

– Во односите со ФИРОМ не загрижува не толку името, колку национализмот кој се поттикнува таму. Сметаме дека национализмот е најголемиот непријател на мирниот соживот и пријателството меѓу државите. Многу сме загрижени кога гледаме националистички партии како се први во соседна држава и почнуваат да влечат иредентистички политики кои се дел од минатото, рече Ципрас.

Грчкиот политичар е во посета на САД, каде ќе престојува во Сан Франциско, Вашингтон и Њујорк, како што кажа, на средби со сродно мислечки американски аналитичари и активисти. Во своето обраќање, Ципрас изјави дека Грција се наоѓа во состојба на мизерија, и рече дека само со коренито менување на начинот на функционирање на светскиот финансиски поредок ќе може да се спречи нова голема депресија. Тој побара простување на долговите, не само за Грција, туку и за сите други презадолжени европски држави, обвинувајќи ја Германија дека профитира од сегашното промовирање на политики на аустеритет, односно кратење на државните расходи.

– Сметаме дека политиката што ја води Берлин е катастрофална не само за Грција, туку ја става целата европска, а на пошироко ниво и светска економија во ризик, рече Ципрас најавувајќи дека сака одново да преговара за пакетите за европска помош, додавајќи дека евентуалниот банкрот на Грција би значел распад на евро-зоната.

Ципрас упати повеќе пораки до американската администрација, пред се во поздравувањето на американскиот пристап на справување со економската криза. Лидерот на СИРИЗА за ова го пофали претседателот на американските Федерални Резерви Бен Бернанке, за кого кажа дека како економист кој ги изучувал причините за Големата депресија во 1930ите години, знаел подобро да се справи со кризата отколку раководството на Европската централна банка.

Би можело да ве интересира

Дендиас за меморандумите со С. Македонија: Секоја грчка Влада оценува што е во нејзин интерес

Ана Ололовска

Варвициотис: Ако се врати националистичката реторика кај соседите, ќе ја редефинираме позицијата за евроинтеграцијата

Ана Ололовска

„Жито Лукс“ се правда: Зборот Македонија е избришан поради унифицирање на името на фирмата дома и во странство

Маја Илиевска-Пачемска

„Жито Лукс“ ја избриша Македонија од Статутот, купувачите најавија бојкот на производите до банкрот на компанијата

Маја Илиевска-Пачемска

ВИДЕО: Димитров сугерира разрешување на Мизрахи, Министерството не е нејзин приватен стан

Ана Ололовска

На бугарскиот граничен премин „Ѓуешево“ се уште се користи „ПЈРМ“

Драган Поповски