Учебната година почна, останаа барањата за покачување на платите на наставниот кадар за 12 проценти. Пари нема. Речиси секој септември истата приказна, кој и да седи во владата се правда со тие пред него. И дека поради друг нема пари за образованието. Молкот не значи дека проблемот е решен или заборавен, се чека средината на септември да се постигне договор. Доколку нема, тогаш се големи можностите да се стапи во штрајк.
„СОНК, по пат на социјален дијалог и тежина на аргументите, а во интерес на вработените во образованието, учениците и родителите, се обидува, со максимална конструктивност, да дојде до посакуваната цел, која што се темели на основ на Законот за минимална плата и Колективните договори за основно и средно образование. Доколку не се изнајде решение, сите опции за наше синдикално делување и притисок се отворени, изјави за А1он, Јаким Неделков, претседател на СОНК.
Во Министерстото за образование останува истиот став. Пари нема во буџетот. Нејбргу, зголемувањето на платите е можно во март следната година.
„Во повеќе наврати, министерката Јаневска информираше дека покачување ќе има кога ќе се создадат услови, односно со буџетот за следната година. Дотогаш апелираме до наставниците да останат целосно посветени на работа со децата и градење на квалитетни генерации кои ќе бидат подготвени за предводење на општествените процеси. Штрајкувањето со прекин на наставата не оди во прилог на најмладите, велат од Министерството за образование за А1он.
Враќајќи се наназад 10 години, кога се подготвуваше голем штрајк во образованието во 2014 година, токму кога премиер беше Никола Груевски, пратеничките групи на тогашното ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ изгласаа закон со кој се измислија „временски замени“ за сите наставници што штрајкуваат.
Тогашниот министер за образование Абдулаќим Адеми најавуваше дека доколку дојде до замена на наставници, тие нема да го изгубат работното место, но платата од буџетот ќе оди кај заменските наставници, а тие што штрајкуваат платата им советуваше да ја земат од СОНК. Токму под ваков притисок беше тогаш згаснат штрајкот во најава, синдикатот сепак донесе одлука да го стави штрајкот во мирување и да му даде шанса на преговарачкиот процес.
Овие одредби кои се сметаат за противуставни, во законот останаа до денеска, а ниту една владеачка структура не ги избриша.
„Во случај на прекин на воспитно-образовната работа заради штрајк, директорот на основното училиште, по претходна согласност од градоначалникот, а за државните основни училишта од министерот, е должен да го обезбеди остварувањето на воспитно-образовната работа со замена на вработените кои штрајкуваат“, се вели во одредбите на двата закони, за основно и за средно образование.
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска, за А1он изјави дека постоењето на заменици наставници е акт со кој потполно се дезавуира правото на штрајк.
И претседателот на СОНК за А1он вели дека оваа одредба од законите мора се избрише.
„СОНК се уште смета дека оваа одредба од законот е спорна и неуставна, спротивна на слободата на здружување и делување на синдикатите, за што впрочем и Меѓународната организација на трудот – МОТ даде забелешка до Владата на Република Македонија уште во далечната 2015 година и препорача бришење на овие одредби од законите за основно и средно образование, како и во законот за заштита на децата. За жал, од тогаш се сменија две Влади и никој не ги смени спорните одредби“, изјави за А1он претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Иако законот веќе 10 години предвидува ножност за заменски наставници, тоа никогаш не беше спроведено во пракса. Ниту на двата последни протести, кога имаше прекин на наставата.
Во септември 2019 година, учебната година почна со најави за штрајк на наставниците во основните и во средните училишта. Сето траеше еден месец, вработените во образованието бараа покачување на платите за 25 отсто, колку што беше зголемена минималната плата, Владата даваше пет, на крајот се договорија за 10 отсто.
Во 2022 година повторно протестираа, па добија зголемување од 15 отсто. По секојдневни преговори, конечниот договор за зголемување на платите беше постигнат на 17 мај со посредство на помирувач и по 12 дена прекината настава поради генерален штрајк во училиштата од 11 до 28 април.
Ниту во двата случаја не беше применет законот, односно одредбата во двата закони за основно и средно образование, кои очигледно беа донесени повеќе поради притисок отколку поради можност за нивно ефективно спроведување. Во време кога сите во државава молат за работник повеќе, невозможно изгледа дека државата може да најде толку многу наставен кадар за еден ден.
„Се додека законот не се смени, сите одредби се во функција. Меѓутоа, примената на овие одредби е само теоретски возможна, не и во пракса, од причина што во Агенцијата за вработување нема толку наставници кои би ги замениле штрајкувачите, рече за А1он, Јаким Неделоков, претседател на СОНК.
Продолжува…
Со овој текст, А1он.мк се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.