Инфериорниот пристап на СДС, најеклататно ги демонстрира овие 7 години изборот на претседател на Собрание. Овие 7 години СДС секогаш настапуваше од позиција на слабост и инфериорност, иако имаше мнозинство. Под нивна закрила и ден-денес ДУИ ги урнисува институциите. Тој инфериорен однос се гледа еве како денеска ДПМНЕ фактички ќе добијат двајца технички министри и тоа под директна заслуга на ДУИ и лично на Џафери.
Понатаму, СДС како наводно владеачка партија не доби парламентарни и претседателски избори одделени, нешто што на нив најмногу им одговара, тоа беше барање на ДПМНЕ да бидат споени и сега се споени. Иако тоа го бараше и јавно заговараше, беше фактички изигран од ДУИ, за сега пак да биде изиграна од ДУИ и ова е флагрантно политичко додворување од ДУИ кон ДПМНЕ за правење на нова Влада. Дел од тоа додворување беше секако и шверцерското носење на Деловникот и сите овие работи СДС молчешкум ги прифати. Со т.н проевропски фронт кој СДС го заговара за следните парламентарни избори, инфериорноста на СДС фактички оди до својата логичка крајност каде се спремни да жртвуваат комплетно се, па и државата, на великоалбанскиот екстремизам за да останат по секоја цена на власт. Излезе дека еден глас за СДС се два гласа за ДУИ. Со овој последен чин денеска каде СДС ја губи премиерската функција, СДС станува комплетно развластена партија.
Изборот на Талат Џафери за премиер не е никаков триумф за граѓаните-припадници на албанското малцинство, иако ДУИ сака така да го претстави. “Зелените” од ДУИ на електоратот му нудат само национализам, екстремизам и пробивање на некои тн етнички плафони, како прв премиер Албанец. Иако тие етнички плафони се одамна пробиени, ако се потсетиме само на Неџат Аголи, на пример. Џафери, со своето патешествие од ЈНА, па АРМ, и на крај УЧК, кажува дека по потреба може да биде и голем Југословен и голем Македонец, и на крај, и голем Албанец. Ама се по потреба.
Дека без поткрепата на двете најголеми партии, бандитизмот на ДУИ би бил невозможен, најдобро го илустрира неговото министерско место за одбрана, сега пак, во владата на ВМРО-ДПМНЕ. Сега грбот е од СДСМ, а претходно грбот беше од ВМРО-ДПМНЕ. Неговиот избор за министер за одбрана е нешто што не смееше да се случи. Значи држава што малку се грижи за своите вооружени сили, за нејзините луѓе кои гинеле и крвареле на военото поле, такво нешто немаше да дозволи. Тој ресор не смееше да припадне на ДУИ, како партија трансформирана од УЧК. Не смееше бивши припадник на УЧК да раководи со министер за одбрана! Тоа мораше да биде професионалец со чисто досие, а не бивши дезертер од истите тие вооружени сили. Ние зборуваме за Талат Џафери, кој како министер за одбрана, во мандат на ВМРО-ДПМНЕ се поклонуваше на споменици на УЧК. Зборуваме за човек, кој прво ја прекрши заклетвата дадена кон одбранбените сили, за потоа најдиректно да учествува во војната, во која припадниците на АРМ и МВР беа КУКАВИЧКИ напаѓани и убивани. Со тој чин, власта предводена во тоа време од ВМРО-ДПМНЕ, најдиректно ги понижи припадниците на АРМ, и на крај државата и македонскиот народ. За голема жал, тоа е политичката култура и немоќта на двете најголеми политички партии да се справат со ДУИ како политички феномен изминатите 20 години.
Ние зборуваме за претседател на Собрание со најмногу прекршување на Уставот и законитe, зборуваме за претседател на Собрание со најмногу кривични пријави за злоупотреба на службена положба и овластување, зборуваме за Претседател на Собрание кој чуваше Декларации и закони во фиока, кој не свикуваше пратенички прашања со месеци, иако му е деловничка обврска. Претседател кој не дозволуваше интерпелации (една и за него самиот), кој најгрубо го кршеше правото на пратениците за процедурална забелешка. По којзнае кој пат, повторно кршејќи го Уставот, си воведе самоволно двојазичност во собраниските дописи, нешто што никогаш не било.
Понатаму, Џафери го прекрши Уставот кога зборуваше во Брисел на албански јазик. Понатаму, го суспендираше правото на народот на непосредно изјаснување. Во времето на Џафери, македонскиот народ го изгуби правото на референдум. Понатаму, пушташе закони без потпис од Претседателот на државата, за да го избутка шверцерски прво Преспанскиот договор, а потоа и тн Закон за двојазичност со кој дефакто Македонија стана на цела територија двојазична држава и полека се движи кон бинационалност. Фрлаше илјадници амандмани на пратениците во корпа, со што најгрубо го прекрши правото на пратениците да предлагаат закони и амадмани, за што сведочи и последниот инцидент во Собранието, каде насила го избутка носењето на Деловникот.
Затоа Талат Џафери никако не може да биде премиер на сите граѓани во Македонија, а на Македонците најмалку. Не може да биде премиер и на Албанците. Обичниот и чесен Албанец нема никаква корист од овој процес. Најмногу што може Талат Џафери да биде е премиер на матичната партија ДУИ за да имаат за што да пеат по канцеларии. И ова ќе претставува уште една узурпација на највисоките македонски политички институции, рече Крмов од собраниската говорница.