Државниот инспекторат за животна средина утврдил дека реката Осојница во Виница се загадува од отпадните води од четири свињарски фарми.
-Надзорот се изврши со овластен инспектор од општината, поради локалната надлежност за инспектирање на три од четирите фарми, информираат од ДИЖС.
Инспекторатот утврдил дека фармата која поседува А интегрирана дозвола не ги одржува лагуните и не врши мониторинг на подземните води и ја задолжил во законски утврдениот рок да ја изведе прописно активната лагуна и да склучи договор за редовно чистење на талогот од поѓубрувањето.
-Исто така, фармата е задолжена да врши мониторинг на подземните води, согласно обврските кои произлегуваат од дозволата, велат од ДИЖС.
Оттаму соопштуваат дека овластените инспектори од општина Виница досега немале сознанија дека покрај реката има фарми кои треба да се контролираат од нивна страна.
-Тие дополнително ќе постапуваат за собирање информации од правните лица за капацитетот на фармите, од што ќе зависи дали тие ќе добијат задолжение да поднесат барање за издавање Б интегрирана дозвола или одобрување на елаборат за заштита на животната средина од страна на градоначалникот на општината, велат од Инспекторатот.
Доколку овластените општински инспектори не постапат според своите овластувања, Инспекторатот информира дека ќе преземе соодветни чекори.