Норвешкиот репрезентативец во скијачки скокови, 27 – годишниот Даниел Андре Танде, кој пред две и пол недели доживеа тежок пад на скокалницата во Планица, по што во бессознание беше пренесен во болница, денеска е пуштен на домашно лекување, соопшти Норвешката скијачка федерација.
Танде по падот беше хоспитализиран со скршена клучна коска и пробиено белодробно крило, а норвешкиот ски скокач мина неколку денови во болницата во Љубљана во индуцирана кома. На почетокот на април беше пренесен во болница во Осло каде му беше извршена операција на клучната коска.
Неговата здравствена состојба во моментот се оценува како добра. Лекарот на норвешката репрезентација појасни дека Танде е пуштен на домашно лекување и оти ќе му бидат потребни неколку недели одмор и рехабилитација.