Срѓан Захариевски и официјално е прв тренер на фудбалскиот клуб Металург. Прволигашот од скопска „Автокоманда“ денеска преку соопштение ја извести јавноста дека управата на клубот по завршувањето на есенската полусезона во Првата македонска фудбалска лига, донесе одлука за именување на Срѓан Захариевски за шеф на Стручниот штаб.
Помошници на Захариевски ќе бидат Александар Васовски и Љупчо Кметовски, кој ќе биде задолжен за работа со голманите.
Во стручниот штаб се уште Александар Влахо и Метин Далип, кој е одговорен за физичката подготовка на играчите.
– На овој начин Управата ја продолжува соработката со стручниот штаб кој ја доби довербата да ја води екипата во последните три кола од есенската полусезона, соопштуваат од ФК Металург.