Светското фудбалско првенство во Бразил денеска продолжува со натпреварот меѓу Мексико -Камерун и со првото големо дерби Шпанија-Холандија, како реприза на финалето на претходниот Мундијал во Јужна Африка. Вечер играат уште и Чиле и Австралија.
Ѕвездата на холандскиот национален тим Ариен Робен вели дека е горд на тоа што го направи неговата репрезентација во 2010 година во Јужна Африка и дека нестрпливо чека да почне денешниот дуел со актуелниот светки и европски шампион Шпанија.
– Нема да ни биде лесно на првенството во Бразил, бидејќи сме во многу тешка група. Шпанија е актуелен светски и европски првак, а две шпански екипи играа и во финалето на Лигата на шампионите. Тоа се кажува за нив. Многу силна е и екипата на Чиле во која настапуваат добри играчи кои секогаш сакаат да напаѓаат, изјави Робен.
Според него, главни фаворити за освојување на титулата се Бразил, Аргентина, Шпанија и Германија.
– Во Јужна Африка одлично играв. Бев многу разочаран што изгубвме во финалниот натпревар, но сепак сум горд на она што го постигнавме. Светското првенство секогаш е нешто посебно и многу сум возбуден што се игра во Бразил, една од најфудбалските земји во светот, посочи Робен.
Холандија во финалето на Светското првенство во Јужна Африка загуби со 1:0 од Шпанија. На првенството во Бразил за холандската репрезентација ќе играат седум играчи кои настапија на финалето, меѓу кои и Робен.
Холандија во Бразил настапува и со нов тренер, Луј ван Гал, кого холандската јавност го критикуваше заради промената на тактиката 4-3-3 во формација 5-3-2.