Си отиде циркусот на ФИФА, што му останува на Бразил, а што нам?

Од:

Прашањето не е дали сте тажни што заврши Светското првенство. Прашањето е: Дали сте среќни? Туку, така општо, во животот? Го поставувам бидејќи наводно постои корелација меѓу Светското првенство и среќата меѓу народот. Неа и во публицистичкиот бестселер Сокерномикс ја изнесоа авторите Симон Купер (колумнист за Фајненшел Тајмс и автор на неколку книги за фудбалот) и Стефаб Зимански, макроекономист и професор на спортскиот менаџмент на Универзитетот во Мичиген.

Тие собраа и анализираа неколку постоечки истражувања и дојдоа до заклучок дека Мундијалот ги прави луѓето посреќни. Речиси во сите земји, за кои имале податоци, во текот на одржувањето на СП и уште неколку месеци потоа, доаѓа до статистички значителен пад во бројот на самоубиствата, а земјите чии репрезентации учествуваат на турнирот по правило бележат пораст на т.н. индекс на среќа во анкетите како што се Евробарометар, кој веќе над 40 години го спроведува Европската комисија, или Ворлд Хепинес Репорт, кој го води Универзитетот во Колумбија.

Меѓу нас има и секогаш ќе има многу луѓе кои едни ќе ги нарекуваат циници, други реалисти, кои само ќе се насмеат на оваа сугестија, рефлексно ќе ги наречат бедници и со право ќе предупредат дека постојат многу поважни работи за кои треба да се загрижиме и кои имаат многу поголемо влијание на нашите животи. Но, дали поткрепена можеби со слаби но сепак релевантни докази, е баш толку блесава?

Хрватите – европски Бразилци

Мундијалот, пред се е всушност најголема и најдолга глобална забава. Се проценува дека речиси половина од човештвото (3,2 милијарди луѓе за Бразил во 2014 година) спаѓаат во неговите гледачи. Во денешно време ништо друго не може да го привлече вниманието на толкав број на луѓе и да им пружи еден вид заедничко искуство на подолго време. Дел од целата поента на СП е да го следат речиси сите посебно во Европа и Јужна Америка, луѓето во тој месец гледаат иста работа на телевизија и зборуваат за исти или слични теми – за фудбалот.

Интересно е дека наведената апстрактна среќа не е толку поврзана со успехот на сопствената репрезентација. Се чини дека има нешто поважно од резултатите. Наспроти бројните дисидентски гласови на циниците и реалистите, тешко дека нешто освен војна или природна катастрофа може да предизвика таква мобилизација и кохезија, колку што тоа го може надежта и трпението за националните тимови кои ги гледаат голем број на луѓе, без оглед на разликите во светот, економскиот и општествениот статус и други фактори. Истражувањата сугерираат дека таква кохезија не прави малку посреќни и дека тоа чувство трае уште некој месец потоа, кога се објавуваат резултатите од анкетите за среќа меѓу народите.

Впрочем, историјата не учи дека од слободата поважно е да се има леб и игри, како што тоа (најверојатно) го рекол староримскиот поет Јувенал.

Ако се верува на сето тоа, овие месеци самоубиствата ќе се намалат во Хрватска, за разлика од вообичаениот број во ова време. Исто така, иако Огнените потфрлија во Бразил, во глобала треба да се чувствуваме нешто малку подобро од пред СП. Па значи – дали сте среќни? Или прашањето е се уште прерано поставено?

Размислував за тоа и заклучив: Да, Мундијалот навистина малку ме направи посреќен од што бев. Тоа беше феноменално првенство: некои натпревари беа здодевни, некои средни, а некои спектакуларни. Но, емоциите и наративите беа епски, како и ексцесите и шоковите. Наспроти релеватниот неуспех на Ковачевата експедиција и длабокото разочарувачко покривање на турнирот во домашните медиуми, за кои понекогаш (субјективен впечаток) се чинеше дека работат се за да ни го расипат доживувањето и да ни ја изнавреѓаат интелигенцијата, вредеше да се биде дел од сето тоа.

Се на се, забавата дебело ги надмина очекувањата. Месец дена живеевме во меур од сапуница и уживавме во бразилскиот спектакл, не грижејќи се толку поради болестите во хрватското општество (вклучувајќи го и фудбалот, во кој симптомите се многу изразени) кои можат да предизвикаат само депресија. Секако, беше тоа слатка илузија и бегање од реалноста.
Ако некого тоа го теши, а не би требало, на Бразилците им е многу полошо од нас.

Леб, погача и бурек

Во веќе наведената книга Сокерномикс се изнесува тезата дека организацијата на големи спортски натпревари во денешно време не може да биде исплатлива за земјата која е организатор. Студиите за економска исплатливост, тврдат авторите, се чиста шпекулација која е невозможно да се докаже и всушност измама која оди на рака на тие кои профитираат од тоа. Организацијата на Олимписките игри или Светското првенство, пишуваат Купер и Зимански, земјата и нејзините жители не може да ги направи побогати, но може да ги направи посреќни.

Работата повторно е во онаа старата во лебот и игрите. Истражувањата покажуваат дека економскиот раст луѓето ги прави исклучително среќни само тогаш кога ги спасува од физичка сиромаштија додека над тоа ниво чувството на среќа се помалку е поврзано со економскиот статус. Фигуративно кажано, сите луѓе никогаш целосно не се задоволни: кога народот има доволно леб, тогаш сака погача; кога има погача сака бурек. Кога лебот не може да ги усреќи, можат игрите – организацијата на голем натпревар донесува експоненцијално уште поголема општествена кохезија од самото учество во него.

Ако нема физичка корист, има корист која се гледа во среќата на нацијата, но тоа е цената која по правило подготвени се да ја платат само развиените земји, тие кои имаат доволно леб, што доведува до контроверзни тези дека само такви држави треба да организираат СП и ОИ. Иако се уште нема конклузивни податоци за тоа колку Велика Британија финансиски изгуби или доби со организацијата на Олимпијадата во Лондон, речиси сите таму ќе кажат дека тоа беше огромен успех и нешто со што се гордеат.

Друга работа е со Бразил – кој само две години по СП ќе ги организира и Олимписките игри во Рио.

Цената на срамот

Во Бразил се можеше да чини значително помалку. Не мораа да се градат најскапи стадиони на светот, можеа да направат солидни зданија кои би биле релативно исплатливи и по СП, а не бели слонови кои не служат за ништо. Иницијалната проценка за нивната изградба (а на Бразил навистина му требаа нови стадиони бидејќи постоечките беа во многу лоша состојба), се движеше околу милијарда американски долари. Меѓутоа, поради низа фактори тој трошок се зголеми четири пати.

Причини? Прво инсистирањето на ФИФА на апсолутно највисоки стандарди за посетителите. Потоа корупцијата и нетранспарентноста во доделба на градежните работи, што е слично како и кај нас при боење на тунел на автопат, доведе до повеќекратно поголеми профити на градежната индустрија и нивните партнери. Па потоа, рака рака мие политиката: Иако ФИФА побара минимално осум, а максимално десет стадиони, бразилската влада инсистираше на 12 стадиони за да ги подмири сите локални шерифи блиски до власта. Некои од тие стадиони, како тие во Куаби и Манаусу, нема да служат за ништо, бидејќи во тие градови нема професионални тимови кои би играле на нив.

Исти или слични проблеми како со стадионите се појавија и кај другата инфраструктура. Од многу капитални проекти се откажаа или поради подивените трошоци беа напуштени среде реализација. Најмногу тоа е случај со тие кои требаа да служат за општо добро, како изградба, обнова или реконструкција на патиштата и аеродромите. Голем дел од тоа што е исплатливо што е изградено ќе премине во приватни раце, а другото ќе биде препуштено на државните или локалните власти на управување, што во земја како Бразил веројатно ќе значи пропаст. Имаме повеќе од поучен пример на ракометните арени во Хрватска за да сватиме за што тука се работи.

На крајот, вкупниот трошок на организацијата се искачи на 13,5 милијарди долари, а конечната бројка ќе биде многу поголема кога сето тоа ќе се пресмета. Речиси сето тоа го платија даночните обврзници. Нема никакви шанси тоа да се исплати на Бразил. Од СП заработи ФИФА (нејзиниот профит надминува 4 милијарди долари), дел од градежните компании и таму уште некој. Во земја како што е Бразил, која најмногу е залудена по фудбалот и во која таа игра е тесно поврзана со идентитетот на нацијата на некој мистичен и веќе одамна архаичен начин, можеби сето тоа барем во дел ќе се заборави дека СП беше и натпреварувачки успех. Тоа можеби, во комбинација со среќата која ја носи организацијата на најголемата забава на светот, би била прифатлива цена за значаен дел од населението.

Меѓутоа, бразилската репрезентација доживеа најголем срам и понижување во својата историја.

Во таа земја општо позната е поговорката и своевиден туризам дека поразот од Уругвај во 1950 година (кога Бразил првпат организираше СП) бил национална катастрофа, наша Хирошима. Подоцна поетите зборуваа дека подобро е да се биде најдобар на светот во фудбал отколку во продажба на ракети. А, што ќе кажат сега?

Уште во текот на ланскиот Куп на конфедерации дојде до бран на протести во целата земја и видливо беше дека постојат големи групи на луѓе кои повеќе не веруваат во митот за националната важност на фудбалот. Протестите беа стишени и задушени во текот на СП, со спроведување на дотогаш невидени мерки за безбедност. Се се приведе на мирен крај.

Но, циркусот на ФИФА сега си заминува, а Бразилците остануваат со прашањето – дали сте среќни? Што мислите дека ќе одговорат?

Тпортал – Загреб

Би можело да ве интересира

„Телеграф“: ФИФА планира да воведе и син картон како форма на казна

ФИФА ја отфрли жалбата на Марк Овермарс за суспензија од една година

Саудиска Арабија е домаќинот на Светското првенство во 2034 година

ФИФА отвори истрага против претседателот на шпанската ФА поради сексуалниот скандал на Светското првенство за жени

(ВИДЕО) Шок пред отворањето на женското СП во Нов Зеланд: Двајца мртви и шест повредени

ФК Работнички на 29.Генерално собрание на ЕКА: Потпишан Меморандум за соработка со ФИФА