Чест, задоволство и предизвик е да се биде тренер на МЗТ Скопје. Тоа за мене претставува чекор напред во кариерата. Амбициите ми се поклопија со тие на клубот и на навивачите. Се пронајдов во долгорочниот проект на клубот за кој верувам дека има светла иднина, изјави Влада Вукоичиќ на првата прес-конференција во улога на тренер на МЗТ Скопје Аеродром.
На денешната средба со новинарите беше соопштено дека клубот од Аеродром му го продолжи договорот на Никола Оташевиќ.
За плановите за други засилувања, еден од најзаслужните за големиот напредок на МЗТ Скопје, градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски рече дека клубот сеуште го нема дефинирано буџетот за следната сезона.
– Се наоѓаме во фаза на обезбедувања на финансиски средства и затоа не брзаме со засилувањата, до крајот на август ќе знаеме точно каков буџет ќе имаме на располагање и дотогаш ќе ги комплетираме сите засилувања, потенцира Коневски.
Претходно верноста кон клубот ја потврдија Тодор Гечевски, Ѓорѓи Чековски, Дамјан Стојановски и Кејд Дејвис.
Гечевски исто како и тренерот верува дека МЗТ ќе состави тим способен успешно да се претставува и во Еврокупот и во АБА лигата, но и да ги одбрани титулите од македонскиот шампионат.
– Тренерот и управата имаат план да донесат неколку квалитетни кошаркари, но и неколку помлади играчи и да се оформи екипа која ќе може да ги издржи напорите од долгите патувања и тешките натпревари, истакна Гечевски.