Влада Вукоичиќ е тренерот кој ќе го предводи тимот на МЗТ Скопје Аеродром во престојната сезона, откако претходно по заминувањето Алеш Пипан, тренерската позиција во македонскиот кошаркарски шампион беше празна.
40-годишниот српски стручњак во својата кариера ги има предводено ФМП Железник (2005-2008) Хемофарм Вршац (2008), Остенде (2008), Босна (2008-2009), Мега Визура (2010-2011), и Црвена Звезда (2012-2013), а има работено и во младинската и сениорската репрезентација на Србија.
Позначајни успеси во тренерската кариера на Вукоичиќ се: златен медал на Универзитетските игри како помошник во српскиот национален состав во (2003) , освојување на Јадранската лига со ФМП Железник како тренер (2006-2007), освојување на српскиот Куп со ФМП Железник (2006-2007), пласман во полуфиналето на УЛЕБ Купот со ФМП Железник (2007), златен медал на Европското првенство (за играчи до 20 години) како селектор на националниот тим на Србија (2007).
Минатата сезона Вукоичиќ ја помина во тимот на Црвена Звезда, со кој што настапуваше во АБА лига и Еврокуп натпреварувањето. Како предводник на црвено белите забележа скор од 18 победи и 6 порази во АБА, додека во Еврокупот се пласира и во Топ 16 фазата.
Непосредно пред одржувањето на „Фајнал фор“ турнирот во Лакташи, Вукоичиќ беше сменет од позицијата прв тренер на Црвена Звезда, а неговото место го завзема Дејан Радоњиќ.