Игравме со крајно мотивиран противник, во сала исполнета до последното место, што можеби е првпат годинава во Скопје. Иако резултатот не им ја менуваше премногу судбината, домаќините играа како животот да им зависи од овој натпревар, изјави Душко Вујошевиќ, тренерот на Партизан по синоќешниот пораз од МЗТ Скопје Аеродром.
Тој потенцира дека уште еднаш се докажа дека кога се игра без притисок околу исходот на резултатот може да се прикаже многу подбра игра што беше случај со македонскиот шампион.
Играта на неговите избраници тренерот на Партизан ја оцени како разочарувачка.
– Не успеавме да го задржиме победничкиот континуитет. По две победи покажавме лоша игра во натпревар кој ни беше многу важен, а сега треба да бркаме победа во последното коло за сигурно учество во фајнл фор, истакна Вујошевиќ.