Фудбалерите на Сандерленд, предводени од контроверзниот Паоло ди Канио, успеаја со фудбалер помалку да спасат бод против Стоук, ремизирајќи 1-1 во дуелот од 36. коло во Премиерлигата.
Волтерс (9’) им донесе водство на гостите, а четата на Ди Канио во 34. минута остана со фудбалер помалку по исклучувањето на Гарднер, но и покрај хендикепот, тие успеаја да изедначат преку О’Ши во 63. минута.
Домаќините, кои се во битка за опстанок во англиската елита, можат да жалат што не славеа на крајот, бидејќи во вториот дел имаа неколку сериозни шанси кои не ги искористија.
Сандерленд се наоѓа на 15. место со 38 бода, колку што имаат и Норич и Њукасл, и само три поени повеќе од Виган, кој е во опасната зона, но има еден неодигран меч. Стоук е 11. со 41 бод.
До крајот на сезоната во Премиерлигата има уште три кола, веќе неколку недели нов шампион е Манчестер јунајтед, додека Рединг и КПР се селат во понизок ранг.