Дејвид Бекам ја заврши својата 20-годишна фудбалска кариера, а теренот го напушти со солзи.
Англискиот играч ја доби честа како капитен да го предводи ПСЖ во својот последен меч во кариерата. Кога го напушташе теренот во 81. минута аплауз доби од сите актери на натпреварот ПСЖ – Брест.
„Сакам да се заблагодарам на сите во Париз, соиграчите, целата екипа, навивачите. Ова беше посебен крај на мојата кариера. Не можеше да биде подобро. Чувствувам дека е вистинското време да се пензионирам“, изјави Бекам.
„Мислам дека во кариерата остварив се што можев. Сакам да си одам како шампион. Ја завршувам кариерата во тимот кој ме третираше како десет години да сум бил дел од него. По 22 години играње фудбал, ќе одморам неколку месеци и ќе уживам со семејството“, додаде англискиот фудбалер.
По завршувањето на мечот, во кој ПСЖ победи со 3:1, соиграчите, неколку пати го фрлија Бекам во воздух, а тоа од трибините го гледаа неговата сопруга Викторија и поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози.
Познат како феноменален асистент во текот на кариерата, Бекам го оправда тој статус и во својот последен натпревар, кога со одличен волеј му намести топка за гол на Матуиди. Два гола за новиот шампион на Франција постигна Златан Ибрахимовиќ.