Велосипедски караван „Трка околу Македонија 2014” под мотото „Кон иднината по стапките на традицијата” во организација на Агенцијата за млади и спорт и Велосипедската Федерација (ВФМ) се вози деновиве низ Македонија. Оваа година трката е посветена на 111 години Илинден и 70 години од Првото заседание на АСНОМ.
Дваесет и пет професионални велосипедисти вчера напладне тргнаа од Мечкин камен, Крушево, и на 2 август треба да пристигнат на Пелинце. Велосипедската Федерација на Македонија овој настан го реализира со своите членки: МВК Велес од Велес, ВК Вело-М од Куманово, ВК Спид Бајк од Кичево, ВК Илинден од Прилеп.
Трката се одржува во три етапи со една полуетапа. Првата етапа се возеше од Крушево до Кавадарци (должина 135 километри), втората е предвидена за денеска од Кавадарци до Пробиштип (140 километри) и третата утре (2 август) од Пробиштип до Пелинце (70 километри).
Велосипедските репрезентативни селекции се во национални обележја, дрес и гаќици, клупските со своја опрема. Генералниот секретар на ВФМ, Сашо Ванчевски истакна дека Федерацијата располага со модерен подвижен велосипедски сервис кој е ставен во служба на овој настан, резервни делови за велосипедите.
– Тоа ни беше целта на оваа трка, во соработка и со поддршка на Агенцијата за млади и спорт да ја запознаеме пошироката јавност за убавините на нашата држава. Истовремено, сакаме да придонесеме за популаризација на рекреативниот туризам и велосипедизам, кој несомнено се уште не е искористен до максимум со сите капацитети што ги нуди Република Македонија, потенцираше Ванчевски.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески информираше дека покрај оваа активност, Агенцијата неколкудневното одбележување на двата Илиндена го одбележува и со планинарски маршеви, симулација на дел од патеката на Февруарскиот поход, како и симболично искачување на Голем Кораб и Славеј планина.
– Илинден е еден од најголемите национални празници, кој зазема значајно место во историјата на македонскиот народ. Токму затоа, годинава Агенцијата за млади и спорт во соработка со спортските федерации реализираат повеќе активности за одбележување на празникот, заклучи Спасески и се заблагодари на соработката на Велосипедската и Планинарската Федерација.