Македонскиот ракометен првак Вардар убедливо го загуби воведниот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите против Веспрем на домашен терен. „Црвено-црните“ доживеаја пораз (21:30) и речиси се елиминирани од елитното европско натпреварување. Останува и реваншот во Унгарија, но шансите на тимот на Давид Дејвис се сведени само на теорија.
Вардар се држеше само во првите дваесетина минути од натпреварот, кога имаше и предност од два гола (9:7), но потоа следуваше серија на унгарскиот тим и Веспрем на полувреме обезбеди позитива од четири погодоци (11:15).
Клучен беше почетокот на вториот дел кога Веспрем буквално ја „заклучи“ одбраната, Вардар постигна само еден гол за десет минути, а разликата отиде и до „плус десет“ (13:23). На крајот, унгарскиот тим стигна до убедлив триумф, 21:30.
Единствени расположени кај вардарци беа Филип Талески и Тимур Дибиров со по шест гола, а кај Веспрем блескаше Родриго Коралес со 17 одбрани, но и Нилсон со осум гола.
Реваншот се игра на 6 април во Унгарија.