Актуелниот македонски фудбалски шампион Вардар вечерва успеа да се врати на лидерската позиција на табелата во домашното првенство откако го искористи киксот на ривалот Хоризонт Турново и со 3-1 славеше над Ренова.
Претходно досегашниот лидер Хоризонт Турново одигра само 1-1 против Шкендија на домашен терен. Зоран Балдовалиев во 70. минута им обезбеди водство на домаќините, но една минута подоцна гостите од Тетово изедначија преку Елмедин Реџепи.
„Црвено-црните“ беа свесни дека по киксот на Хоризонт имаат шанси за врвот, па победникот на националната арена „Филип Втори“ беше решен уште во првиот дел, во кој поведоа со 3-0. Шампионите со двата гола на Костовски (4’ и 10’) го најавија славјето, а точка стави Петров со погодокот во 41. минута.
Честа на гостите ја спаси Емини си голот во 53. минута за конечни 3-1.
Вардар со денешната победа има 58 бода, еден повеќе од досегашниот лидер Турново. На третото место се наоѓа Металург со вкупно 52 бода, но „металурзите“ имаат и натпревар помалку, оној што ќе го играат утре на домашен терен против Напредок.
Двојки за утрешните средби од 29. коло: Брегалница – Тетекс, Металург – Напредок, Пелистер – Силекс и Работнички – Дрита.