Македонскиот шампион Вардар натпреварите од 2.коло од квалификациите за фудбалската Лига на шампионите ќе ги стартува против поранешниот европски шампион Стеауа. Првиот натпревар се игра во Букурешт во вторник, а „црвено-црните“ денеска со автобус заминаа за главниот град на Романија.
Вардарци според планот треба да оджат два тренинзи во Букурешт, еден вечерва, а вториот утревечер на „Националната Арена“ каде и ќе се игра натпреварот.
Според најавите од таборот на нашиот шампион и зборовите на тренерот Благоја Милевски од петочната прес-конференција „црвено-црните“ ќе се обидат да ја повторат добрата игра од гостувањето лани во дуелот БАТЕ Борисов во Белорусија. Но, сепак се свесни дека романскиот противник е тим со многу поголем буџет и тим кој оваа сезона има цел да настапува во групната фаза од Лигата на шампионите.