Фудбалерите на Вардар попладнево успеаја да слават на градското дерби со Работнички со 2:0.
Мечот на скопските ривали се одигра на лошиот терен на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари, а „вардарци“ беа многу поумешни во реализацијата на шансите од своите противници и сосема заслужено се радуваа на победата на овој натпревар.
Хименез беше во главна улога на стартот од второто полувреме, кога шпанскиот интернационалец втрча во шеснаесетникот по центаршутот на Цикарски и со прецизен удар со глава од десетина метри го матираше голманот на Работнички. „Романтичарите“ се обидоа да се вратат во натпреварот, но не создадоа ниту една стопроцентна шанса за израмнување. Затоа, „вардарци“ овојпат беа одлични во фазата на реализација на шансите, па преку Јован Костовски стигнаа и до предност од 2:0.
Со оваа победа, Вардар сега се наоѓа на делба на првото место заедно со тимот на Шкендија, кој што попладнево славеше со 3:1 над Пелистер.
Во прилог на Вардар и на Шкендија одеше и резултатот на дуелот Хоризонт Турново – Тетекс, што заврши со 0:0.
Напредок продолжува со импресивните игри на домашен терен, па оваа екипа стигна до три бода и на шестиот натпревар одигран во Кичево сезонава откако ја совлада Ренова со 2:0.
Металург одигра уште еден разочарувачки натпревар пред своите гледачи, ремизирајќи 1:1 против Силекс.