Екипата на Вардар конечно успеа да го забележи првиот триумф, откако на чело на екипата е Никола Илиевски.
Убедлив триумф забележаа денеска „вардарци“ и тоа против еден од најголемите конкуренти, екипата на Шкендија со 6:1.
Мирно почна првиот дел. Теренската иницијатива беше на страната на фудбалерите на Вардар, но без посериозни прилики, се до 14 тата минута, кога Костовски одлино го искористи добриот продор на Ѓоргиев и успеа да погоди за водство на Вардар.
Се обидуваа фудбалерите на Шкендија да се врата во мечот, а во 38-мата минута и им успеа откако Ејупи се најде осамен на 12-13 метри од голот на Вардар и знаеше како да го најде патот до мрежата на „вардарци“.
И кога сите мислеа дека со овој резултат ќе се замине на полувреме, Ацо Стојков во 42-рата минута успеа да постигне ефектен погодок од 25 метри за водство на својот тим. Но, тоа не беше се од избранциите на Џиџи во првиот дел. Во 45-тата минута, Уште еден прекрасен гол. Овој пат на репрезентативецот Остоја Стјепановиќ. Голманот на Шкендија Ников се обиде да расчисти истрчувајќи од пред својот гол, но топката доаѓа до Стјепановиќ кој од околу 40 метри прецизно го лобува голманот на противникот. Веќе во наредната акција, уште еднаш Ѓоргиев мајсторски го пронајде Стојков кој избива сам пред голот на Шкендија и прецизно стрела за втор свој гол, и фантастични 4-1 на полувреме за Вардар.
Во вториот дел многу понервозна игра на двете страни, па така набрзина видовме неколку јавни опомени до фудбалерите. Во 64-тата минута, уште едно ремек дело на фудбалерите на Вардар. Овој пат деби погодок на Димитрија Лазаревски кој директно од слободен удар од околу 25 метри ја погодува противничката мрежа откако топката од дирекот отседна во голот на Шкендија! Во тој момент фантастични 5-1 за скопскиот тим. До крајот на мечот Вардар рутински го оддржуваше водството, а во 83-тата минута, Стјепановиќ одлично го проигра Петров во празно кој изби пред голот на Шкендија и мајсторски ја протна топката покрај Ников во неговата мрежа, за конечни 6-1 и голем триумф на Вардар.