По одигрувањето на денешното последно коло од Првата фудбалска лига ќе биде познат шампионот на Македонија. Единствени кандидати се актуелниот првак Вардар и Хоризонт Турново. Токму овие две екипи во меѓусебен дуел на Националната Арена „Филип Втори“ ќе решат за шампионскиот пехар.
„Црвено-црните“ имаат два бода предност и доволен ќе им биде еден бод за да ја одбранат шампионската титула, додека Хоризонт мора да победи за првото место.
Вардар со шест титули е најуспешна екипа, Силекс, Слога Југомагнат и Работнички имаат по 3, Победа 2, а по една Македонија ЃП, Ренова и Шкендија.
Покрај дуелот Вардар – Хоризонт Турново во терминот од 17 часот се играат и другите натпревари од 33.коло: Дрита – Шкендија, Пелистер – Напредок, Работнички – Тетекс, Силекс – Ренова и Брегалница – Металург.
Табела: Вардар 65 бодови, Хоризонт Турново 63, Металург 60, Работнички 50, Шкендија 44, Брегалница 43, Ренова 42, Напредок 40, Пелистер 37, Дрита 37, Тетекс 25, Силекс 22.