Рамил Гулиев од Турција е нов светски првак на 200 метри, откако синоќа во финалето на Светското првенство во атлетика, што се одржува во Лондон, истрча најдобро време 20.09 секунди.
Тој за две стотинки беше побрз од Вејд Ван Никерк од Јужна Африка и Џерем Ричардс од Тринидад и Тобаго.
Дваесет и седумгодишниот Гулиев на Турција и го донесе првиот златен медал од светските првенства. Ван Никерк според фото финишот беше побрз од Ричардс и го освои второто место.
Во трката на 400 метри со пречки кај жените првите две места им припаднаа на Американките. Злато освои Кори Картер со време 53.07 секунди, а среброто е за Далила Мухамад со време 53.50, додека како трета целта ја мина Ристанана Трејси од Јамајка. Двократнката светска шампионка Зузана Хејнова од Чешка го освои четвртото место.
Американецот Џонатан Тејлор го одбрани златниот медал од претходниот Шампионат во дисциплината трискок. Тој имаше трискок со должина 17.68 метри. Второто место му припадна на неговиот сонародник Вил Клеј – 17.63 метри, а трет беше Нелсон Евора од Португалија со 17.19 метри.
Денеска во вечерната сесија на осмиот ден од шампионатот на програмата се четири финални дисциплини.