Тренерот на Пари Сен Жермен, Томас Тухел веќе одлучил кој ќе биде неговиот прв голман. Во интервјуто за радио „РМЦ Спорт“, Германецот соопшти дека ќе му даде предност на францускиот репрезентативец Алфонс Ареола пред легендата Џанлуиџи Буфон.
– Донесов одлука. Таа не е конечна, но му реков на Алфонс дека според мене тој е во пол позиција да биде бр.1. Тој доаѓа од младинската академија. ПСЖ е сè за него. И тој сака нужно да се докаже во ПСЖ. Тоа е ситуација што мора да ја почитуваме и искористиме, вели Тухел.
До овој момент и двајцата одиграа по два натпревари во Лига 1. Сега сепак Буфон, кој во текот на летото го напушти Јувентус, ќе мора да седне на клупата.
Но, Тухел не гледа проблем во тоа.
– Буфон не е само еден играч на клупата. Во секојдневието тој е играч кој има многу големо влијание врз тимот. Тој е френетичен! Комуницира со соиграчите, се обидува да ми помогне и веднаш гледаш зошто е на врвот и има таква кариера, сподели тренерот.
Тухел е задоволен од конкуренцијата кај голманите, но не криеше дека сакал повеќе од трансфер прозорецот.
– Не сум задоволен 100%, искрено. Јавна тајна е дека баравме потпорен халф за заменик на Тиаго Мота, додаде Германецот.