Децата од сите клубови кои настапуваат во младинските лиги во македонското кошаркарско првенство, не треба да плаќаат котизација. Таа обврска ја презема партнерот на Кошаркарската федерација на Северна Македонија, компанијата Триглав Осигурување.
Од КФСМ апелираат клубовите да не бараат од нивните членови средства за котизација за настап во првенството.
Првата „благодарница“ дојде од првиот човек на КФСМ, Перо Антиќ, кој потенцираше дека директорот на компанијата Ѓорѓе Војновиќ бил неговиот ментор, дури и повеќе од тоа.
– Чест е да се има таков партнер како Триглав Осигурување, огромен подржувач на кошарката. Денес сакаме ја објавиме нашата соработка која многу ќе значи за младинската кошарка, изјави Перо Антиќ, претседател на федерацијата.
Поранешниот македонски репрезентативец Војновиќ рече дека привилегија е да се вложува во спортот, посебно во младите.
– Свесни сме за важноста на инвестирањето во националниот спорт и што тоа значи за неговиот развој, особено кога тоа ги вклучува младите категории и децата. Вистинска привилегија е да бидеме дел од активностите на младинската кошаркарска лига, затоа што токму тука се градат вистинските навики, се создава квалитетот, тука лежи иднината на кошарката и спортот воопшто, изјави Војновиќ, главниот извршен директор на Триглав Осигурување.
КФСМ и Триглав Осигурување се обврзаа да продолжат со заеднички сили да работат на промовирање на спортските вредности и на унапредување и развој на спортот во земјата.