Фудбалерите на Работнички во 6.коло од Првата македонска лига го остварија првиот триумф и тоа со голем пресврт по негативата од два гола што ја имаа на полувреме на вчерашниот дуел со Победа. Тренерот Виктор Треневски задоволен само од изданието на неговите избраници во вторите 45 минути.
– Остваривме многу значајна победа. Беше навистина тежок натпревар, а ние дополнително го отежнавме со двата гола што ги примивме во првото полувреме. Но, тогаш до израз дојде вистинскиот карактер на Работнички. Реагиравме на вистински начин. Одиграа момците дрско, храбро, конкретно, па во вториот дел дојдоа головите. Секогаш го потенцирам тимскиот дух во нашиот состав, но сега сакам да ги истакнам младите фудбалери Андреј Лазаров и Миле Тодоров, фудбалери од нашата школа, кои одиграа одлично, истакна Треневски за клупскиот сајт на „романтичарите“.
Ова е многу значаен момент за нас по послабиот старт на сезоната, додаде Треневски, но сега треба да продолжиме во ист стил и понатаму. Веќе сме со мислите кон следниот предизвик, натпреварот против Академија Пандев в недела.
По шест кола во ПМФЛ Работнички се наоѓа на 7.место со само пет бода, но има и натпревар помалку, оној со шампионот Вардар.