Фудбалерите на Работнички се подготвуваат за реванш натпреварот од второто квалификациско коло за Лига Европа против Динамо Минск, кој ќе се одигра в четврток во Белорусија, а по ремито (1:1) во Скопје, капитенот Душко Трајчевски верува дека македонскиот тим има сили за да го елиминира ривалот на гостински терен.
– Имаме сили за да го елиминираме Динамо Минск, иако тоа нема да биде лесна задача. Но, сега знаеме точно за каков тим се работи, ги знаеме нивните добри и лоши страни, и ќе се обидеме од тоа да извлечеме корист. Тие сигурно се подобро физички подготвени, со оглед дека нивното првенство е во полн ек, и имаат одиграно 15 кола. Ние допрва влегуваме во вистински ритам, но можеме да го пронајдеме вистинскиот пат за да ја оствариме целта. Треба да одиграме многу подобро отколку на првиот меч во Скопје, а доколку први го отвориме резултатот, мислам дека ќе бидеме блиску до целта, изјави Трајчевски за клупската веб страница.
Експедицијата на Работнички утре рано наутро тргнува за Минск.