Тениската репрезентација на Македонија денеска тренираше во Созопол, Бугарија каде од среда до сабота ја очекува настап во рамките на Третата Европска зона од Дејвис купот. За Македонија оваа година се пријавени да настапат: Томислав Јотовски (771.место АТП сингл – 683.место во двојки), Димитар Грабул (1028.место сингл – 893 двојки), Горазд Србљак (1183.место сингл) и Шендрит Деари (без разнг).
Нашата репрезентација изминативе денови се подготуваше во Скопје на терени на тврда подлога на која и ќе се играат мечевите во Созопол. Проблем за селекторот Дејан Маринковиќ претставуваше повредата на Јотовски, но најверојатно со него е се во ред бидејќи отпатува за Бугарија.
Во рамките на Третата Европска зона пријавени се 15 репрезентации, кои ќе бидат поделени во четири групи (една со три селекции и три со по четири селекции). Домаќинот Бугарија, Република Ирска, Молдавија и Луксембург ќе бидат рангирани како носители. Извлекувањето на групите ќе се одржи утре. Првопласираните селекции од групите ќе играат во полуфинале, а победниците во полуфиналните дуели следната сезона ќе играат во Втората Евро-африканска зона.