Американскиот спринтер Тајсон Геј постигна одлично време на трката на 100 метри одржана синоќа во рамките на Дијамантската лига. Во швајцарскиот град Лозана Геј најпопуларната атлетска патека ја истрча со време од 9,79 секунди што претставува втор најдобар резултат сезонава.
Второто место го освои Асафа Пауел кој заостана 9 стотинки зад победникот, а трет беше Мајкл Роџерс со 9,96 секунди.
Геј најдоброто време годинава го оствари на националниот шампионат во САД кога 100 метри ги истрча за 9,75 секунди.
Запрашан за претстојниот дуел со Усеин Болт на Светското првенство во Москва, Геј истакна:
– Се чувствувам добро и сметам дека имам големи шанси против било кого.