Германските фудбалери кои на својата земја и го донесоа четвртиот шампионски трофеј од светските првенства денеска се вратија во татковината каде беа пречекани од околу 500 илјади луѓе.
По слетувањето на авион на аеродромот „Тегел“ германските репрезентативци предводени од капитенот Филип Лам беа поздравени од стотици навивавачи. Играчите потоа се качија на отворен автобус и отидоа до Бранденбуршката порта пред која беа собрани половина милион лица носејќи обележја во националните бои на Германија.
Фудбалерите во Берлин пристигнаа со задоцнување од неколку часови поради мали проблеми на каросеријата на авионот пред полетувањето од Рио де Жанеиро.
Германија во неделата по продолженија со 1:0 ја победи Аргентина и стана светски шампион по четврти пат.