Контроверзниот уругвајски репрезентативец и член на премиерлигашот Ливерпул, Луис Суарез изјави дека Реал Мадрид е сон на секој фудбалер.
– Секој играч сака да заигра во Реал Мадрид. Истото тоа се однесува и за мене, но за да се случи такво нешто треба да се исполнат одредени услови. Во моментов сум играч на Ливерпул, екипа респектирана насекаде низ светот, но за жал без обезбедено учество во Лигата на шампионите, факт што многу ми пречи, рече Суарез.
Уругваецот сезоната ја заврши со 30 постигнати голови во дресот на Ливерпул, но и со учество во неколку инциденти, меѓу кои и гризнувањето на раката на Бранислав Ивановиќ од Челзи.
Суарез во англиските медиуми е поврзуван со трансфер во Реал Мадрид, посебно по неговото нагласено негодување што тој нема да игра во Лигата на шампионите, бидејќи неговиот клуб Ливерпул веќе трета година не се избори за настап во елитното натпреварување.