Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Дамјан Стојановски, денеска и официјално го стави потписот на договорот со МЗТ Скопје Аеродром, со кој се обврза дека најмалку уште две сезони ќе биде дел од „сино-белите“.
– МЗТ Скопје Аеродром е мојот клуб, веќе не ни паметам дека имам играно во друга средина и затоа останав. Се уште ми е тешко што во минатиот шампионат не одигравме на потребното ниво и не ги остваривме очекувањата на навивачите како во АБА така и во македонското првенство. Токму таа желба да дадам се од себе да се подобри впечатокот и да се покаже дека тоа што се случи во изминативе месеци не беше реална слика на МЗТ Скопје Аеродром беше клучна што останувам, изјави Стојановски за клупскиот сајт на МЗТ.
Дамјан верува во визијата на тренерот Ѓорѓи Кочов и е сигурен дека во новата сезона ќе се влезе со квалитетен тим, чија главна карактеристика ќе биде борбеноста и големата желба за успех.
– Без пожртвуваност нема ништо и сигурен сум дека во новото првенство ќе влеземе со тим кој ќе може да го врати клубот она каде што припаѓа, а тоа е во самиот врв на македонската кошарка, но и во елитата во јадранската конкуренција. Ќе биде тешко и напорно, но јас сум подготвен за предизвикот, а верувам истото ќе го мислат и сите останати кои ќе се најдат во ростерот на Кочов. Мора да ја градиме добрата атмосфера уште од самиот почеток, бидејќи без тоа нема да може да дојдеме до посакуваната цел.
Покрај Стојановски досега сигурни за следната сезона се Љубомир Младеновски, Дарко Соколов, Андреј Маслинко и Андрија Бојиќ, како и новоангажираниот Американец, Лестер Медфорд.