Дел македонските ракометни репрезентативци денеска започнаа со подготовките за Европското првенство кое што во јануари ќе се игра во Хрватска. Денеска со подготовки започнаа Стојанче Стоилов и Мартин Поповски (Вардар), Горан Крстевски и Гоце Ојлески (Еурофарм Работник).
– Групата е многу незгодна и тешка. По извлекувањето имаше реакции дека е лесна, но Европското првенство е секогаш потешко од Светско. Ние имаме сили и квалитет. Може да ги победиш сите три селекции, но и да изгубиш од сите три. Важно е да бидеме подготвени и здрави и со долга клупа, кое на претходните дуели се покажуваше како решавачко, изјави еден од најискусните од „четворката“ присутни Стојанче Стоилов.
Ракометарот на Еурофарм Работник, Гоце Ојлески кажа дека прва цел на репрезентацијата е да се мине групата и да се победи некоја од балканските земји.
Македонија на ЕП во Хрватска се наоѓа во групата Ц, а ривали ни се Словенија (13.јануари), Црна Гора (15.јануари) и европскиот првак Германија (17.јануари).
Сите играчи добиле по 2-3 дена одмор по завршувањето на клупските обврски, па во текот на оваа недела на тренинзите ќе бидат присустни вкупно 13 играчи.
Поголемиот дел од играчите ќе се приклучат од 25. декември, а селекторот Раул Гонзалес на подготовките ќе дојде на 26. декември. Дотогаш со тренинзите ќе раководи неговиот помошник Гарсија Парондо.