Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром предводен од новиот тренер Врбица Стефанов ја забележа втората победа во регионалната кошаркарска АБА лига. На дебито на Стефанов совладан беше унгарски Солнок со 74:58.
Кошаркарите на тимот од Аеродром натпреварот го почнаа резервирано, а истото се однесуваше и за гостинската екипа. На крајот од првата четвртина беа постигнати мал број поени (11:10). Поефикасно и максимално изедначено се играше во вториот период и на полувреме со отиде со 29:28 за МЗТ.
Во вториот дел очигледна беше желбата на „штрковите“ да го скршат отпорот на противникот. Евидентен беше различниот пристап во однос на претходните дуели. До израз дојде и ефикасноста. По 18:14 во третата четвртина, во последните десет минути МЗТ Скопје постигна 27 поени, а прими 16.
Најефикасни во домашниот состав беа Александар Цветковиќ и Ненад Зивчевиќ со по 14 поени. Цветковиќ запиша и седум асистенции, а за одбележување се и 13 скока на Овен Класен.
Во тимот на Шолнок најефикасен беше поранешниот кошаркар на МЗТ Стефан Синовец со 16 поени.