Бранителот на титулата Шпанија по само два одиграни натпревара доживеа елиминација на Мундијалот во Бразил, откако синоќа беше поразена од Чиле со 2:0.
За разлика од шпанските фудбалери, репрезентацијата на Хрватска ноќеска го совлада Камерун и остана во комбинација за пласман во осминафиналната фаза.
Чилеанците на „црвената фурија“ и го нанесоа вториот пораз во групата Б со головите на Едуардо Варгас во 20.минута и Чарлс Арангуис во 43.минута.
Ова не е прв случај актуелниот светски првак да биде елиминиран уште во групната фаза. Тоа се има случено и на Мундијалите во 1950 кога елиминирана беше Италија, во 1966 Бразил, во 2002 Франција и во 2010 Италија.
Во Б групата водат Холандија и Чиле со по две победи, Австралија и Шпанија се без освоен бод.
Комплетирано е и второто коло во А групата.
Хрватска со убедливата победа над Камерун од 4:0 е во ситуација со победа во последното коло над Мексико да оди понатаму. Головите за „коцкестите“ ги постигнаа Ивица Олиќ, Иван Перишиќ и два гола Марио Манџукиќ.
Во оваа група Бразил и Мексико имаат по 4 бода, Хрватска 3, Камерун е без освоен бод.