Арјен Робен на средбата со Мексико во три наврати се најде во позиција да биде фаулиран во противничкиот шеснаесетник, а за една таква ситуација признава дека се обидел да одглуми удар од 11 метри. Судијата Педро Проенса тогаш не досуди најстрога казна, но во последните минути свирна пенал за Холанѓаните по прекршокот токму над Робен.
– Морам да се извинам за обидот да изнудам пенал во првото полувреме. Но, ова последното беше за пенал. Обично имам самодоверба при ударите од 11 метри, ама овој пат јас бев фаулиран и му препуштив да шутира Хунтелар. Бев убеден дека ќе погоди, изјави Робен.
Холандија вчеравечер во 1/8финалето од Мундијалот во Бразил го победи Мексико со 2:1, иако губеше до пред самиот крај. Решавачкиот момент се случи во судиското надополнување кога Маркез стартуваше врз Робен, а судијата досуди пенал.