Германија со убедлива победа од 4:0 над Португалија го започна својот настап на Светското фудбалско првенство во Бразил.
Германците доминираа во текот на целиот натпревар кој прв од 1. коло на групата Г, а во кој Томас Милер постигна три од четирите голови.
Фудбалерот на минхенски Баерн првиот гол го постигна од пенал во 11-та минута за водство на Германија од 1:0. Матс Хумелс во 32-та минута зголеми на 2:0, а маките на Португалија беа дополнително зголемени по исклучувањето на Пепе во 37-та минута.
Во финишот на првиот дел (40+1 минута) Милер го постигна својот втор гол, а третиот за конечни 4:0 го реализира во 78-та минута.
Во вториот натпревар од оваа група, вечерва на полноќ ќе играат селекциите на Гана и САД, додека во терминот од 21 часот закажан е дуелот меѓу Иран и Нигерија со кој ќе биде комплетирано првото коло во Ф групата.