Семејството на Жил Бјанки објави со какви повреди на главата се здобил младиот Ф1 возач во несреќата на трката за Големата награда на Јапонија.
Бјанки (25) и натаму се наоѓа на одделението за интензивна нега во болницата во Јокаичи, но и натаму се наоѓа во критична здравствена состојба.
Неговото семејство потврди дека тој се здобил со повреда која се нарекува „diffuse axonal“, оваа повреда влијае врз нервните завршетоци во мозокот.
Сериозноста на ваквите повреди може да варира.
„Ова е тежок период за нашето семејство, благодарност до сите оние кои упатија пораки со поддршка за Жил. Болницата ќе продолжи да ја следи состојбата и ќе продолжи со неговото лекување. Сите други информации за неговата здравствена состојба дополнително ќе бидат објавени“, се наведува во соопштението на семејството Бјанки.
До несреќата дојде кога Бјанки, за време на трката на патеката Сузука, странично удри во кранот, кој се наоѓал покрај патеката за да го изнесе болидот на Адријан Зутил, кој од патеката излета еден круг претходно.
Семејството на Бјанки упати голема благодарност до претседателот на Медицинската комисија на ФИА, Жерар Сејлан и на познатиот неврохирург Алесандро Фрати, кој по барање на Ферари веднаш допатувал во Јапонија.
Жил Бјанки потекнува од академијата на Ферари и веќе неколку сезони е под договор со италијанскиот тим.