Денеска на кејот на Вардар кај Камениот мост, скејтерџиите, ролерџиите и возачите на бмх-велосипеди, ќе изведат дел од егзибициите што ќе биде најава за Првиот меѓународен турнир во екстремни спортови – Скопје 2014, што ќе се одржува од утре до 4-ти октомври на Скејт паркот на кејот на Вардар.
Попладне, во 17 часот, во Скејт паркот ќе се одржат првите тренинзи, а квалификационите возења се закажани за утре во истото време (17 часот), на 2 октомври, кога ќе возат скејтерите. На 3-ти октомври (петок), во 17 часот, во Скејт паркот, ќе се одржат квалификациите за натпреварувачите на ролери (блејдери), а в сабота, во 14 часот, на распоредот на турнирот се квалификациите на БМХ. Финалето во скејтбордање, ролери и бмх ќе се одржи в сабота /4.10.2014 година/ на новиот Скејт парк на кејот на Вардар во 17 часот, кога најдобрите поделени во две групи од по 3 возачи, во 5 обиди на вешти возења ќе се борат за освојување на првите три места.
На првиот Меѓународен турнир во екстремни спортови-Скопје 2014, ќе учествуваат возачи од Македонија, Хрватска, Србија, Косово и Велика Британија и тоа 17 возачи на скејт, 15 возачи на ролери и 20 возачи на бмх велосипеди.
Судиите на овој прв турнир од ваков тип во нашава држава, доаѓаат од Словенија, а еден од најдобрите судии е Изток Суматич, којшто е судија и на Олимписките игри за екстремни спортови.
Наградниот фонд е вкупно 1 050 евра. По 200 евра за прво, 100 евра за второ и по 50 евра за трето место во трите категории, односно скејт, ролери и БМХ, а во текот на одржувањето на Турнирот, ќе настапат и голем број ди-џеи.
Град Скопје, за одржување на овој настан, од Буџетот преку Програмата за спорт за 2014 година, издвои 100.000 денари.